Отворен ден за деветоодделенците во ССОУ „Димитрија Чуповски“ во Велес, каде што тие се запознаваа со хемиско-технолошката, здравствената и струката за лични услуги. Првиот уписен рок во ова училиште е на 20 и 21 јуни.
Ова е традиционален начин на училиштето за запознавање на идните ученици со струките.
ССОУ „Димитрија Чуповски“, попознато како „хемиска“, е првото хемиско – технолошко училиште во државата, отворено во 1956 година.
Како што појасни за МИА, професорката Руска Мицева, деветоодделенците при посетата се запознаваат со условите за работа, ги посетуваат лабораториите каде се изведува стручната насока, а во училишниот двор на убаво подготвени штандови учениците се анимираат со различни активности, а при тоа се учеа и за струките за запишување.
Воедно на штандови беа претставени и компаниите каде учениците изведуваат феријална пракса и практична настава во текот на наставата.
Деветоодделенците за МИА оценија дека е одлично што има Отворен ден и тој во многу им придонесува да се определат каде ќе учат и е одлично организиран.
Директорот на училиштето Петре Жабев за МИА истакна дека очекува голем број деветоодделенци, како и во претходните, така и во претстојната учебна година да се запишат во нивното училиште, кое, како што вели, им нуди одлични услови за работа и напредување во школските и воншколски активности.
На неколку штандови беа претставени и некои од факултетите во земјава како Технолошко-техничкиот факултет во Велес каде запишувањето во прва година е бесплатно. Заинтересираните кандидати можат да се запишат на прехранбена технологија и биотехнологија и на нутриционизам.
На посебен штанд се претстави и Универзитетот Скопје кој има свои кабинети и во Велес, а нуди запишување на економија, туризам, маркетинг, информатика, човечки ресурси и општествени науки – меѓународни односи и дипломатија.