Oсврт на културно-уметничката Седмоноемвриска програма

466133573_988408089998180_5882252491402687540_n-3.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Годинава, со богата 8-дневна културно-уметничка програма се одбележа Општинскиот празник, 7 Ноември. Граѓаните на општина Гевгелија имаа можност да проследат најразлични и квалитетни културни содржини за чествување на 80-годишнината од ослободувањето на Гевгелија. За што, беа одговорни локалните културни институции во соработка со Општина Гевгелија.

Седмоноемвриското културно празнување започна со Изложба и концерт на Етнокореолошкиот оддел при ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија. Во фоајето на Народниот театар- Гевгелија беа изложени македонски народни носии од различни етнички предели и реквизити кои го карктеризираат традиционалната материјална култура. Потоа, 8 млади, професори и студенти на Музичката академија при УГД од Одделот за енокореологија ја фасцинираа публиката со женската, машката и комбинирана вокална и музичка интерпретација на неколку традиционални песни и ора.


Ансамблот на НУКЦ „Трајко Прокопиев“- Куманово, по повод празничната програма, гостуваше во Гевгелија со театарската претстава „Како што сакате / Ноќ спроти Водици“, во режија на Срѓан Јанаќиевиќ. Беспрекорната актерска игра на: Жарко Јовановиќ, Марко Трајковиќ, Антонио Димитриевски, Нина Максимова, Анастасија Величковиќ, Александра Пешевска, Давид Илиќ и Никица Јанковски, како и самото сценарио на претставата и интересната костимографија на гевгеличани им донесе нешто ново, современо и невообичаено во културниот живот.

Гевгелиските ликовни уметници го претставија своето творештво на Годишна изложба, во организација на НУ Музеј- Гевгелија. Авторски дела- слики и скулптури на 16. уметници на различна возраст: Андриана Манчева, Александар Јанев, Aнамарија Митриќеска Кал’чева, Вангел Срнаков, Ана Петрова, Атанас Крстев, Јордан Јанев, Иван Кал’чев, Мирјана Крстева Массетти, Михаил Петров, Гордана Николовска Петрова, Перо Кованцалиев, Никола Бутров, Фиљо Танов, Драги Хаџи-Николов и Дамјан Ѓуров беа изложени во Уметничката галерија „Амам“.

Овации кај присутните предизвика премиерната балетска претстава „Исповед“ на Национална опера и балет по одржувањето на Свечената седница на Советот на Општина Гевгелија. Младите балерини и балетани под кореографската палка на Саша Ефтимова ја разубавија сцената на Народниот театар- Гевгелија со нивната грациозност и елеганција во движење. Не само физички, туку и духовно, со танцова исповед на класична музика ги исполнија очекувањата на гевгеличани, благодарение на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија.

Како и секогаш, несомнено, Градскиот мешан хор „Гортинија“ со својот концерт и репертоар на домашна и странска хорска музика го разубави седмоноемвриското чествување. 13, т.е. 14 дела од македонски и странски композитори, осврт на својата работа,  беа изведени од златните грла на хористите под мајсторското диригентство на м-р Илија Атанасов. За што, верната публика им реагираше со долготраен аплауз и покрај заминувањето на сите хористи од сцената.

Неизоставен дел од седмоноемвриското чествување е и одржувањето на традиционалната манифестација „Фолклорен ѓердан“, во организација на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Гевгелија“ и Ансамбл „Бојмија“- Гевгелија. Настанот го отворија Пејачката група на Здружението на пензионери „Сава Михајлов“- Гевгелија. Покрај претставувањето на домаќинот Ансамбл „Бојмија“ и КУД и студијата од Македонија- „Отекс фолк“- Охрид и „Фолклор“- Скопје со изведба на македонски народни ора и песни, фолклорното богатство пред гевгеличани го презентираа и КУД „Паја Зариќ“- Нови Карловци, од збратимената Општина Инџија- Р. Србија. Автентичната сценографија ја направи Гордана Николовска Петрова.

Културната програма за одбележување на 7 Ноември заврши со Книжевен портрет на Горјан Петревски, во огранизација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија. За творештвото на Горјан Петревски за творештвото на овој популарен автор, кој е воедно и автор на еден од најтиражните македонски романи, лектирата „Марта“, во Народниот театар- Гевгелија, зборуваа проф. д-р Васил Тоциновски и проф. д-р Јованка Денкова.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK