Советот на Општина Крива Паланка на денешната седница едногласно ја усвои Предлог-одлуката за доделување еднократна финансиска помош за Делчево, во знак на поддршка и солидарност по огромните штети што ги претрпе општината по природната непогода, обилните врнежи од дожд минатата недела.
-Солидарност и хуманост пред сѐ. Се солидаризираме со делчевчани, по големата природна непогода што нанесе огромни штети во Делчево. Заедно сме со нив и сите советници денес ја усвоија иницијативата за доделување финансиска помош за оваа наша македонска општина, истакна градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.
Тој посочи дека и Општина Крива Паланка во изминатото деноноќие ја зафатија поројни дождови кои нанесоа штета на повеќе локации во градот и околината.
-Обилните врнежи од дожд што ја зафатија нашата општина изминатото деноноќие, предизвикаа појава на повеќе активни свлечишта, одрони на патиштата и однесени делови од локални патни правци. Екипите се на терен, сите служби се мобилизирани и етапно се работи на санирање на настанатите штети. Природните непогоди се непредвидливи- нашата енергија ја насочуваме кон справување со последиците од невремето, рече Митовски.
Апелираш граѓаните да имаат разбирање и трпение, бидејќи службите вложуваат максимални напори за што поскоро решавање на состојбите.