Општина Гевгелија издвои 1.230.000 денари за помош на настраданото население од збратимената Општина Јабланица, која пред неколку дена ја зафати досега невидена елементарна непогода. Советот на Општина Гевгелија, на вчерашната 48. вонредна седница, по предлог на градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, донесе Одлука од Буџетот на Општина Гевгелија да се издвојат 20.000 евра.
Седницата започна со едноминутно молчење во знак на изразување сочувство и оддавање почит на жртвите од катаклизмата што ја зафати Општина Јабланица и неколку други соседни општини во Босна и Херцеговина.
Гадоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов ги информираше членовите на Советот дека, по сознанијата за природната катастрофа и сериозните предизвикани штети и загубените човечки животи од поплавите и свлечиштата, веднаш стапил во контакт со властите на БиХ и Јабланица, изразувајќи жалење и сочувство во име на Општина Гевгелија и подготвеност, како збратимена општина, да помогне со средства за санирање на штетите.