Одговор од градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски во врска со прашањата од ТВ ТЕРА
Прашање 1: Дали градоначалникот Коњановски смета дека е етички и морално да ја дели сцената во првиот ред со претседавач на општинско тело кој се обиде да добие општински тендер наменет за истото тоа тело?
Одговор 1: Битола, не организираше само настан, туку преку „Розов пулс за Битола“, застанавме заедно со нашите сограѓанки, нашите пријателки, познанички, соработнички, некои и дел од нашите семејства, заедно да позборуваме за тешките денови кои ги поминале жените кои се соочиле со ракот на дојка, за нивните животни предизвици во болните мигови и за извојуваната победа во битката со оваа болест. Советот за социјална заштита и Советот за женско претприемништво на Општина Битола, како организатори на оваа заедничка средба, ја потенцираа заедничката порака на грижа за жените што се соочуваат со болеста, поддршката и солидарноста, кои мора да биде дел од секојдневното функционирање на институциите.
Да се биде помеѓу храбри жени, кои макотрпно се избориле со ракот на дојка, да им се даде поддршка значи и подигнување на гласот за превенција и навремено откривање од страна на сите оние кои би можеле да се соочат со оваа потенцијална закана.
Етичноста и моралот не учат на правилно постапување, солидарност и хуманост, посебно кога станува збор за ваква сензитивна тема, со која голем дел од нас сме имале контакт, преку животни искуства на наши блиски. Работата на локалните совети е токму таа, без финансиски надомест, да иницираат поддршка на оние граѓани на кои им е најпотребна, а нашите совети тоа и го прават, за што потврдуваат сите субјекти вклучени во активностите.
Прашање 2: Дали Општина Битола ќе покрене постапка за разрешување на Марковска од Советот за женско претприемништво со цел да го заштити сопствениот институционален интегритет и да спречи иден судир на интереси?
Одговор 2: Советите, како советодавни тела имаат свој деловник за работа, во кој јасно е назначен начинот на избор на претседавачот и времетраењето на неговиот мандат. Во тој контекст, претседавачот на Советот за женско претприемништво се избира со мнозинство на гласови од вкупниот број на членови на советот за женско претприемништво. Од професионален аспект, можам да дадам само високо признание на секоја членка од Советот заедно со претседавачката за нивната досегашна вклученост и ангажман, без право некого да назначувам или разрешувам, ниту да иницирам постапки врз основа на субјективни проценки, претпоставки или квалификации за етичноста и моралноста на нечие постапување, изнесени од субјекти кои немаат надлежност ниту овластување да утврдуваат евентуални повреди на етичките и моралните стандарди.
Институционалниот интегритет на Општина Битола, во последните две години бележи раст, за што потврда е извештајот на Државната комисија за спречување на корупција, каде Општина Битола забележа пораст на интегритетот од 49,46% во 2024 година на 78,31% во 2025 година. Ова го потврдуваат и активностите на други организации со кои општината соработува во рамките на проектите за унапредување на интегритетот и транспарентноста на институцијата во насока на достапна општина за граѓаните која обезбедува квалитетни услуги. Ваквата тенденција на оваа локална самоуправа, продолжува и во понатамошниот период.
Согласно професионалните новинарски стандарди, а во интерес на објективно информирање на јавноста, барам одговорите да бидат пренесени во целост, без омаловажувачки говор во употребата на моето име во објавените текстови (оваа забелешка се однесува на името Тончи кое во континуитет го користи Вашиот медиум).
Ви благодарам.
Со почит,
Градоначалник на Општина Битола
Тони Коњановски
The post Одговор од градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски во врска со прашањата од ТВ ТЕРА appeared first on Општина Битола.