За потребите на социјалната услуга нега и грижа на стари изнемоштени лица, „Нега центар“ во рамки на Општинската организација на Црвен крст Крива Паланка, обучи 15 негуватели што ќе го надополнат тимот и ќе го зголемат опфатот на корисници на услугите.
– Големиот интерес за користење на услугата од една страна и задоволството на корисниците на оваа социјална услуга, од друга страна, беше повод за организирање обуки за нови негуватели што ќе можат да пружаат нега и грижа за старите изнемоштени лица од општината и лица со попреченост. Во изминатите три месеци стручен тим од ОО Црвен крст спроведе обука што успешно ја поминаа 15 лица, кои, по завршување на потребните административни работи ќе се вклучат во теренските активности на тимот, информира Маја Стојчевска, координатор на „Нега Центар“, Крива Паланка.
Нега центарот работи со поддршка од Министерството за труд и социјална политика на Северна Македонија, а ова е трета генерација негуватели на центарот, кој со овие нови 15 обучени негуватели, брои 47 лица што можат да ја пружат оваа социјална услуга.
До овој момент „Нега центар“ Крива Паланка опфаќа услуги за 70 корисници на подрачјето на општината.