Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, на својата Фејсбук-страна ја најави реализацијата на новиот капитален, инфраструктурен проект за подобрување на комуналните услови во Урбан блок 4.4. Имено, овој проект којшто ќе се реализира во Урбан блок 4.4 (станбените населби во близина на Детската градинка „Сончогледи“- Гевгелија) во општина Гевгелија, опфаќа изградба на фекална канализација, амтосферска канализација и водоснабдителен систем.
Општина Гевгелија е прва Општина на којашто ѝ е одобрен Проектот и го склучи договорот за реализација со обезбедени средства од Европската инвестициона банка преку Министерството за животна средина и просторно планирање.
Градоначалникот Сарамандов, по присуството на информативната средба со претседателот на Владата, Христијан Мицковски и министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, во насока на зајакнување и подобрување на ефикасноста и координацијата во користење на средствата за подобрување на водната инфраструктура на општините, го изрази задоволството што токму Општина Гевгелија го склучи прва договорот за реализација. За овој Проект, како што истакна Сарамандов, најпрво беше подготвена техничка документација, со којашто Општина Гевгелија аплицираше на Повикот на Министерството за животна средина.