Назад во Неделата на детето

461923169_948790123947517_4601561480872676795_n-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Детската недела во Гевгелија ја одбележаа бројни активности за најмладите жители на општина Гевгелија, во организација на: ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија и НУ Музеј- Гевгелија.

Активностите за одбележување на Светската недела на детето започнаа со предавање за и презентација на локалната традиционална култура во ООУ „Крсте Мисирков“ и „Владо Кантарџиев“. М-р Силвестер Проле, вработен во Етнокореолошкиот оддел при ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија ги запозна учениците за машките обредни поворки Русалии.



НУ Музеј- Гевгелија организираше Изложба на ракотворби изработени од глина од едукативната работилница „Почувствувај го минатото – сподели во сегашноста“. Поставката на глинените ракотворби беше во Уметничката галерија „Амам“ и презентирана од историчарот на уметноста и кустос, Александар Каракабаков, а Изложбата ја посетија учениците од вторите и третите одделенија од ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија и средношколците од прва година во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија.

Ликовната секција организираше Работилница за сликање, во којашто учествуваа гевгелиските ученици. Под менторство на м-р Мирјана Крстева Массетти, имаа можност пред платото на Народниот театар- Гевгелија со многу бои и насмевки да творат и да го изразат својот уметнички дух, сликајќи портрет на своето другарче.

Во организација на Пионерскиот дом, Секциите за драма, гитара, тапани и карате, како и Ансамбл „Бојмија“ и Танцовото студио „Мистик“ пред дечињата од Гевгелија одржаа јавен час, како дел од активностите коишто се во рамки на институцијата. Големо внимание во јавноста предизвика краткото видео на Драмската секција, во режија на раководителката Катица Џишева Дупарова, во кое учествуваа членовите- млади актери аматери. Под мотото „Мојот детски свет“, Драмската секција ни покажаа што е суштината на искрената радост кај децата и нè потсетија колку малку ним им е потребни да бидат среќни. Целта на видеото е и да се остави аудио-визуелен запис на веќе подзаборавените друштвени игри за социјализација на децата. Истовремено, се праќа порака за универзалните права на децата и што е тоа што возрасните треба да посветат внимание за тие да прераснат во личности со морални и етички вредности.

Радост кај децата донесе и театарската претстава „Царевата нова облека“ од репертоарот на НУКЦ „Антон Панов“- Струмица, а во режија на Јасмина Вучкова. Во Народниот театар- Гевгелија, оваа претстава се одигра во два термина, a, низ дијалози со актерите, дечињата активно размислуваа за самобендисаноста и себичноста, емпатијата и грижата, доброто наспроти злото и лагата наспроти вистината.

Во Библиотеката „Гоце Делчев“- Гевгелија, на учесниците во 2. Работилница за креативно пишување, како програмска активност на Библиотеката, им беа врачени дипломите, како признание за нивниот сериозен талент за пишување и одличните книжевни творби. Исто така, книжевните новороденчиња, беа прочитани од страна на младите автори- ученици од основните училишта и СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија. Директорот на Библиотеката, Стефан Марковски, го изрази своето задоволство од интересот за посета на Работилницата и постигнатиот ефект, со надеж дека ова искуство ќе ги инспирира младите и надежни таленти да создаваат, а воедно ќе ги охрабри и да ги читаат своите творби во јавност. Работилниците за креативно пишување ги водеа професорките по македонски јазик, Елизабета Инадеска- Ефремова и Вања Манчева,

Пионерскиот дом со уште една активност придонесе во одбележувањето на Детската недела – Дискусија „Глобално кафе“ за правата на децата. Учесниците на овој настан- претставници на: образовните институции, ЈУМЦСР- Гевгелија, невладиниот и правен сектор развиваа приоритети за унапредување на правата на децата преку детектирани проблеми и понудени соодветни решенија, коишто, пак, ќе бидат застапени во рамки на Проектот на „Конект“, „Здружи се за заедницата“ преку Фондацијата „Аполонија“ како локално акциско јадро.

На крај, Детската недела во Гевгелија заврши со премиера на театарската претстава „Црвенкапа“, во продукција на Театар „Хит“- Скопје. Голем број дечиња од ЈОУГД „Детска радост“- Гевгелија ја проследија претставата во Народниот театар- Гевгелија и уживаа во визуелното прикажување на добро познатата сказна.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK