Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, на денешната теренска посета заедно со инспекциските служби од општината, најави решавање на проблемот со хаварисаните возила што со години узурпираат јавни површини и зафаќаат паркинг-места со што го попречуваат секојдневието на аеродромци.
Во текот на денешната акција, согласно со законските регулативи, оставени се околу 60 опомени за отстранување на хаварисаните и нерегистрираните возила од јавните површини.
Хаварисаните возила треба да се отстранат во рок од 7 дена од добиената опомена. Во спротивно, ќе бидат дислоцирани од страна на надлежните служби на трошок на сопствениците, а во наредниот период вакви опомени ќе добијат сите хаварисани возила на ниво на целата територија на Општината.
Со оваа акција се очекува да бидат ослободени од 100 до 150 паркинг-места во Општината, што дополнително ќе придонесе за намалување на недостигот на паркиралишта.
Митески апелира до граѓаните на совесно однесување и ги потсетува дека паркирањето на вакви возила на јавни површини е забрането со закон. Хаварисаните возила, покрај тоа што ја нагрдуваат сликата за Општината, претставуваат и опасност како за граѓаните, така и за животната средина.