Концертот на „Пијано трио“ вистинска „Музичка ризница“ со широка палета на епохи и стилови


1000021836.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Камерниот ансамбл „Пијано трио“ го одржа својот Концерт „Музичка ризница“, на 9 декември 2025 година, во хотелот „Аполонија“- Гевгелија. Програмата за музичката вечер беше внимателно составена за да понуди широка палета од музички епохи и стилови.

Татјана Петрушевска на обоа, Марјан Милошевски на фагот и Петар Макариевски на пијано слуховно „ги рашетаа“ гевгеличани низ современите композиции „Flashes“ од Горан Начевски, создадена специјално за триото во 2023 година, и „Salon Trio“ од Клејр де Грандвал, како и аранжмани на оперски арии, меѓу кои Аријата на Ленски од „Евгениј Онегин“ од П. И. Чајковски за фагот и пијано, Аријата на Лучија од „Лучија ди Ламермур“ од Гаетано Доницети за обоа и пијано, и Аријата на Риналдо од истоимената опера на Георг Фридрих Хендл во аранжман за пијано.


Од класичната епоха беа изведени Серенадата и Дуетот од „Дон Жуан“ од Волфганг Амадеус Моцарт, а програмата продолжи со Интермецо од „Кармен“ од Жорж Бизе и Аријата на Далила од „Самсон и Далила“ од Камиј Сен-Санс, за на крајот да заврши со „Scherzo“ од К. Фридеман, дело напишано за обоа, фагот и пијано.

Триото веднаш го привлече вниманието на присутните со интерпретациската мајсторија и звук кој се движеше од најнежните нијанси до драматични акценти. Создадоа интеракција која делува како разговор- секој тон е одговор, секоја пауза има своја тежина. Ниту еден од инструментите не доминираше, а, сепак, секој момент беше исполнет со индивидуална виртуозност, за што публиката им возврати со заслужени аплаузи.

„Пијано трио“ со овој концерт потврди дека камерната музика не е само технички предизвик туку и разговор без зборови, каде секој тон има своја тежина и значење.

Настанот се одржа во соработка со Општина Гевгелија и ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, оставајќи впечаток кој долго ќе се памети. Зашто градот на културата имаше можност да пречека големи музички имиња: Татијана Петрушевска, прва обоа во оркестарот на НОБ; Марјан Милошевски, прв фагот во оркестарот на НОБ и професор на Факултетот за музичка уметност; и Петар Макариевски, пијанист и уметнички соработник при Факултетот за драмски уметности.

Со концертот „Музичка ризница“, Гевгелија ја збогати својата културна понуда, а „Пијано трио“ покажа дека камерната музика може да ги поврзе традицијата, современоста и личната виртуозност во едно незаборавно музичко искуство.

Ансамблот има настапувано низ Македонија и регионот, вклучувајќи Скопје, Куманово, Прилеп, Виница, Крушево, Делчево, како и во Нови Сад, Истанбул и Загреб, а во 2024 година ја доби наградата „Георги Божиков“ од СОКОМ за исклучителен придонес во развојот на концертната дејност и афирмацијата на музичката уметност.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK