Кочански „Водовод“ бара покачување на цените на водата и канализацијата

vodovod-kochani
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ од Кочани бара согласност од Советот на Општината за покачување на цените за водоснабдување и канализација, што во просек ќе изнесува околу една третина во однос на актуелните цени.

Одлуката за промена на тарифата на дел од услугите ја донел Управниот одбор на претпријатието, a се планира значителeн пораст во однос на веќе утврдениот тарифник за периодот 2021-2023 година. Покачувањето на цените се однесува и за домаќинствата и за комерцијалните потрошувачи, односно за правните лица.


Најмало поскапување од десет отсто се бара за водоснабдувањето на домаќинствата, додека кај правните лица тоа треба да изнесува 13,3 отсто, а за јавната потрошувачка 20 отсто. Наспроти тоа, побарана е согласност за драстичен пораст на цените за собирањето и одведувањето на отпадните води, при што за домаќинствата треба да биде 60, а за правните лица 75 отсто. Дополнително, со измените во тарифникот се планира цената на услугата за пречистување на отпадните води да порасне за 14,7 отсто и за двете категории корисници.

Управниот одбор на „Водовод“ не ги наведува причините поради кои го бара покачувањето на цените во однос на веќе утврдените, а во претходниот период тоа го оправдуваше со поскапувањето на електричната енергија и другите трошоци во работењето на претпријатието.

Согласност за одлуките за измена на тарифникот за услугите беше побарана и на седницата на Советот на Општина Кочани минатиот месец, но тогаш мнозинството советници беа против или воздржани, па бараното поскапување на помина.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK