Гевгелија бележи значаен спортски успех, откако и машката и женската кошаркарска екипа на КК „Гевгелија“ обезбедија пласман во највисокиот ранг на натпреварување – Првата кошаркарска лига. За неполн месец, по историскиот успех на ЖКК „Гевгелија“, кој во финалната серија од Втората лига ја совлада екипата на Струга со 68:44 и со вкупен резултат 2-1 избори пласман во Првата лига, следуваше уште една значајна спортска радост за градот. Машкиот состав на КК „Гевгелија“, по три сезони поминати во Аматерската лига, успеа да обезбеди влез во Првата лига, откако во решавачкиот трет натпревар ја совлада екипата на „Шар Планина“ со резултат 67:56.
Овие два тима се издвоија како најуспешни во Аматерската лига (поранешна Втора лига), а по неизвесната и израмнета финална серија, пласманот во Првата лига беше одлучен во решавачкиот натпревар. Колев беше најефикасен во победничкиот состав со 15 поени. Божинов и Старделов додадоа по 12 поени, Костадинов постигна 10, а Лазаревски го заврши натпреварот со осум поени. Со овој триумф во финалната серија (2-1), КК „Гевгелија“ обезбеди пласман во Првата македонска лига од наредната сезона.
Овој резултат претставува круна на успешната сезона, во која тимот со стабилни настапи, колективна игра и голема борбеност успеа да се избори за место меѓу најдобрите. Во текот на целото првенство, гевгелискиот состав покажа континуитет и зрелост во играта, што на крајот беше пресудно во битката за пласман во елитата. Со овој двоен успех, Гевгелија станува еден од ретките градови во државата со машка и женска екипа во прволигашка конкуренција, што претставува значаен поттик за развојот на спортот, особено кошарката, на локално ниво.
Овие резултати се плод на посветената работа на играчите, тренерските тимови и управите на клубовите, како и на континуираната поддршка од локалната самоуправа и спортската заедница. Општина Гевгелија упатува искрени честитки до кошаркарите и кошаркарките, со желби за успешни настапи во претстојната сезона и достојно претставување на градот на прволигашката сцена.