– Во организација на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) Охрид на 24 јуни ќе се одржи ИПА вело викенд „На точак, Охрид и Струга да видам“.
Целта на седмата рекреативна велосипедска тура Охрид-Струга-Радожда е реафирмација на идејата за велосипедско поврзување на двата крајезерски града и туристичките населби, односно поврзување со современо уредена, функционална и безбедна велосипедска патека од Радожда до Пештани.
– Сметаме дека овие иницијативи имаат непроценливо значење за развој на туризмот и велосипедизмот во двата македонски туристички бисери и огромен бенефит за охриѓани, стружани, но и туристите од Македонија и светот. На овој начин, ИПА Охрид прави свој обид за промовирање на Охрид, Струга и на целиот крајезерски регионот, како атрактивни туристички и вело дестинации што значително ќе ги издигнат на светската вело туристичка мапа, истакна претседателот на ИПА Охрид, Стефан Димоски.
Со тоа, нагласи, упатуваат порака до двете општини, сериозно да се заложат, велосипедското поврзување пред се, од Охрид до Струга и кон туристичките населби Пештани и Радожда, да станат реалност.
Според планираното, вело турата ќе почне во 8 часот од градското пристаниште во Охрид, по охридското крајбрежје, по стариот пат Охрид-Струга. Во 8 часот и 45 минути кај „Евро хотел“ предвидена е средба на охридската со струшката вело група и заеднички да продолжат до Радожда.