Општина Центар трета година по ред доделува бесплатни ранци за сите првоодделенци запишани во сите осум основни училишта во општината. Овојпат средствата се одвоени од општинскиот буџет. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски во пресрет на новата учебна година им посакува среќен и успешен старт, примерно поведение и многу нови другарчиња.
„Почетокот на новата учебна година секогаш носи големи исчекувања, возбуда и среќа особено за малите првачиња. За да предизвикаме уште поголеми насмевки и среќа како и успешен старт на своето образование и оваа година на сите наши првачиња запишани во нашите осум основни училишта ќе им подариме бесплатни ранци. Знаењето е столбот на државата затоа да вложуваме уште во самиот почеток, да зборуваме за бенефитите од стекнувањето нови знаења со цел да изградиме млади и успешни генерации“ порачува Герасимовски и додава:
„Општина Центар ќе продолжи континуирано да вложува во основните образовни институции затоа што тие се никулецот на здрави и успешни млади генерации кои се движечката сила на општествата. Квалитетното образование не зависи само од добриот наставен кадар туку и од добрите услови во образовните институции каде наставниот процес треба да се одвива непрекинато. Целта на Општина Центар е сите основни училишта да бидат на највискоко ниво и нашите деца да го добиваат најдоброто и најквалитетното образование“.