– Од 13 кандидати кои ја поминаа обуката за спасители на затворени води организирана од Општинската организација на Црвен крст-Велес, девет го положија испитот и се стекнаа со лиценца. Четворица кои освоија помалку бодови од потребните ќе полагаат дополнително, информира за МИА професорот по физичка култура Петре Петрушевски активист на Црвениот крст и меѓународен инструктор за безбедност на вода.
Тој посочи дека лиценцата-спасител на затворени води е и меѓународно признаена, бидејќи Црвениот крст е членка на меѓународната организација ILSA за безбедност на вода.
Петрушевски информира дека на обуката, која траеше од 10 до 19 јули, учесниците имале теоретски дел во училница и практичен на градскиот пливачки базен во Велес, каде што ги научиле практично вештините и техниките за спасување на вода.
Од активистите на Општинскиот Црвен крст, д-р Кевица Шопова Клифова и д-р Владо Хаџи Наумов кандидатите добиле обука за давање Прва помош.
Во обуката учествуваа и националниот инструктор и професор Илија Попов и демонстраторот Ангел Костовски.
Како што информира за МИА, Орце Николов секретар на ООЦК-Велес Општинскиот Црвен крст има Тим за спасување на вода.
– Со тоа и овие нови спасители воедно ќе бидат вклучени и во бројните активности на тимот за спасување на вода на ООЦК со поддршка на разни манифестации како и во случај на разни кризни ситуации како поплави и други несреќи, а кога се потребни спасители на вода за спасување на човечки животи, појасни Николов.