На Струмица ѝ е загарантирана карневалската иднина.
Тоа денеска најдобро го потврдија најмладите струмичанчиња кои со насмевки, креативност и многу енергија учествуваа на традиционалниот Детски карневал.
Спортската сала беше исполнета до последно место и претворена во вистинска карневалска бајка. Децата блескаа во шаренилото на маски, најчесто инспирирани од нивните омилени јунаци, а внимателно изработени од вредните раце на нивните мајки, баби, учителки и воспитувачки.
Во прекрасен карневалски амбиент тие гордо дефилираа со своите креации, споделувајќи смеа, радост и заедништво на овој посебен настан кој традиционално се одржува за Прочка и е важен дел од карневалските празнувања.
Најмладите карневалџии ги поздрави и нивната радост ја сподели и градоначалникот на општината, Петар Јанков, кој им даде поддршка и охрабрување да ја продолжат богатата карневалска традиција.
По дефилето во салата, веселата поворка го продолжи своето карневалско патување кон градскиот плоштад, каде шарените костими и детската смеа внесеa дополнителна магија во срцето на градот.
Детскиот карневал уште еднаш покажа дека љубовта кон традицијата се негува од најмали нозе.
The post Детскиот карневал ја потврди иднината на струмичката традиција appeared first on Општина Струмица.