Час по локална самоуправа: Учениците од четврто одделение ја посетија Општина Гевгелија


589417917_848156324269065_8085742217279403345_n.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во рамките на наставната единица „Локална самоуправа“ по предметот „Историја и општество“, учениците од четврто одделение од основните и подрачните училишта во Општина Гевгелија, го посетија градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, и непосредно се запознаа со работата на локалната самоуправа.

На средбата, градоначалникот Сарамандов им објасни како функционира Општината, кои служби се вклучени во нејзината работа и како се донесуваат одлуките што се важни за граѓаните. Учениците се интересираа за теми поврзани со нивното секојдневие, училишните потреби, уредувањето на градот и процесот на планирање на општинските активности.


Средбата беше организирана како дел од практичниот дел од наставата, со цел учениците да добијат појасна претстава за тоа што претставува локалната самоуправа и која е улогата на градоначалникот во управувањето со општината. На средбата учествуваа учениците од ООУ „Владо Кантарџиев“ и „Крсте Мисирков“ од Гевгелија, „Ристо Шуклев“ од Негорци и „Климент Охридски“ од Миравци.

Градоначалникот Сарамандов ja поздрави посетата на учениците и го истакна значењето на ваквите практични часови за нивното образование:

– Голема благодарност до наставниот кадар кој, преку реални примери и искуства, им овозможува практична настава на децата. Продолжуваме да ја градиме Гевгелија како средина во која секое дете има можност да расте, да се едуцира и да се чувствува вклучено. Денешната посета уште еднаш го покажа интересот и љубопитноста на најмладите, кои ја исполнија зградата на Општина Гевгелија со својата искрена детска енергија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK