Во текот на изборниот ден до затворањето на избирачките места, на електронската адреса на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија не пристигнала ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите, информираат од оваа институција.
„Согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, изборниот ден во првиот круг од изборите за Претседател на Република Северна Македонија помина мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Не се забележани посериозни инциденти кои би имале обележја на кривично дело против изборите и гласањето или други кривични дела кои би го загрозиле изборниот процес.
Привремената Комисија на Јавното обвинителство за евентуални изборни нерегуларности го следеше текот на гласањето, а во текот на денот беа организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства. Јавното обвинителство се координираше и со останатите институции надлежни за следење на изборниот процес“ се додава во официјалниот допис од обвинителството.
Комисијата, како што нагласуваат, ќе продолжи со својата работа до завршување на изборниот циклус.
Додаваат дека сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.