– Факултетот Хајделберг од Скопје најави ново партнерство со Provadis School of International Management and Technology AG. Ова е единствениот факултет во Македонија што им овозможува на студентите двојна диплома меѓународно признаена во Германија и во Македонија.
Добивањето на меѓународно призната диплома е еден од најголемите бенефити на факултетот покрај стипендирањето на студентите од страна на компаниите со коишто Хајделберг има соработка.
„Партнерството со Provadis School of International Management and Technology AG е уште еден доказ за нашата заложба за врвно образование и интернационализација. Партнерството ја истакнува посветеноста на Факултетот Хајделберг за воведување врвни образовни стандарди според најдобрите европски практики. Успеавме да ја споиме науката со бизнис секторот преку обезбедување стипендии за студентите, кои за време на студирањето ќе имаат и пракса во компанијата што ги стипендира. Ова е прв ваков пример во Македонија“, изјави Синиша Наумоски, претставник на Управен одбор на Хајделберг во Скопје и извршен директор на АБИТ.
Програмата овозможува студентите да завршат дел од своите студии во Германија, каде што добиваат уникатно искуство, интегрирајќи се во германскиот образовен систем и стекнувајќи стручни знаења од водечки експерти.
Студентите кои ќе дипломираат имаат загарантирано вработување во една од домашните или меѓународните компании во ИТ индустријата или финансискиот сектор. Дополнително, преку меѓународната програма за стипендии, локалните и странските компании ќе ги поддржат студентите со финансиска помош, истовремено создавајќи врски за идни вработувања. Овој модел на дуално образование ги подготвува студентите за глобалниот пазар на труд, нудејќи им квалитетно образование и практична интеграција во реална работна средина.