Поради непочитување на Законот за домување изминативе две и пол години на десетина управители им биле одземени лиценците, извести денес Зоран Маџовски, претседател на Регулаторната комисија за домување. Тој денес, првпат од функционирањето на Комисијата организираше средба со управителите за да им даде можност да се запознаат, да дискутираат за можностите што ги нуди Законот за домување, но и за претставките од граѓани незадоволни од управителите.
„Ние како Комисија постојано добиваме од граѓаните некакви претставки од за одреден број, само мал број на управители и сега е моментот да ги кажеме тие недостатоци за во иднина тие да се анулираат. Морам да потенцирам дека најголем дел од управителите си ја вршат работата меѓутоа има еден мал број управители кои се повторуваат континуирано, против кои има одредени забелешки за нивното работење. Дали е тоа во користење на средствата од резервниот фонд, дали е во начинот на одржувањето и задоволството од одржувањето на колективните згради, дали е во смисла на комуникацијата со граѓаните чии услуги ги вршат дали е од аспект на давањето извештаи оти управителите се должни да даваат извештаи за парите што ги трошат и слични такви забелешки. Оваа Комисија која функционира две и пол години во својот мандат има издадено триесеттина лиценци, а во истиот период на 15 лиценци им престанала важноста. Од нив на десетина им е одземена лиценцата токму поради непочитување на Законот за домување“, вели Маџовски.
За 12 години, колку што постои Комисијата, издадени се вкупно 130 лиценци. Во истиот период на 60 лиценци им престанала важноста. Меѓу оние на кои им престанала важноста има некои кои се одземени поради утврдени нерегуларности врз основ на Законот за домување кои ги утврдува инспектор за домување, има лиценци на кои им истекла важноста и не биле продолжени, а има и некои кои се откажале од лиценцата и престанале да функционираат.