„Пред земјата стои историска одлука за продолжување на европскиот пат и реализација на стратешката триесетгодишна цел. Одлуката за уставни измени е одлука за европската иднина на државата и граѓаните“, соопшти СДСМ.
„Сите пратеници во Собранието треба да разберат во каков поволен момент се наоѓаме, пред отворените врати на ЕУ, со јасна и недвосмислена поддршка од стратешките партнери.
Јасни се сигналите дека 2030 година е реален, достижен рок за членство во ЕУ. Сега од нас зависи како ќе се искористи оваа поволна прилика. Со носење правилни, државнички одлуки се обезбедува продолжувањето по европскиот пат и отворање подобри перспективи за европската иднина на граѓаните.
Одлуката за уставни измени е за подобро утре за младите, за повисок животен стандард, поголеми плати и пензии, отворање пазар од 500 милиони потрошувачи за пласман на македонските производи, десеткратно поголеми средства од европските фондови, европски стандарди, право, образование, здравство, институции.
Немаме повеќе време за губење, македонските граѓани заслужуваат да бидат дел од големото европско семејство, иднината на државата е европска, друга алтернатива нема“, се наведува во соопштението на СДСМ.