Во месноста Моклиште кај кавадаречкото село Ваташа, денеска беа одбележани 80 години од стрелањето на 12 младинци за време на Втората светска војна.
Во изјава за медиумите, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска рече дека после 80 години од овој грозоморен чин на убиството на 12 млади ваташки деца, денес болката е сè поприсутна и споменот е сè поприсутен.
– Наша должност е овој грозоморен чин што пред 80 години го извела тогашната бугарска фашистичка влада, никогаш повеќе да не се случи. Токму затоа имаме чест да бидеме тука, да дадеме признание на семејствата на 12 загинати младинци и да испратиме порака, оваа крвава страна од историјата што ја испишала тогашната фашистичка влада, никогаш повеќе не смее да се повтори, нагласи министерката.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев за медиумите рече дека во чест на младинците, општината Кавадарци изготви 12 бисти. Денеска бистите беа свечено откриени, а се отвори и спомен соба во чест на децата кои биле стрелани.
Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјава за медиумите, рече дека денеска е посебен ден за Кавадарци и за Македонија и за жителите на Ваташа.
– На ѕверски начин овие 12 младинци се убиени од страна на бугарскиот фашистички окупатор за време на Втората светска војна и тоа е чин што треба сите да не обедини. Тоа е чин што не треба никогаш да го заборавиме, рече Мицкоски.
Историски час одржа историчарот Мики Камчевски, а беше изведена и културно уметничка програма. Бројни делегации положија цвеќе во спомен на загинатите младинци.