Системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“ од утре, 12 октомври, ќе почне да функционира и во Охрид, Струга, Кичево и Дебар, информира Министерството за внатрешни работи.
Од МВР соопштуваат дека по завршувањето на техничките проверки и финалните тестирања, камерите ќе бидат ставени во функција на сообраќајниците на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Охрид.
Со активирањето на системот се очекува засилена и континуирана контрола во сообраќајот, побрзо откривање на прекршоците, поголема дисциплина кај возачите и подобрување на безбедноста на патиштата.
Од МВР апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и со одговорно однесување да придонесат за поголема безбедност.
„Безбеден град“ е во функција од 1 февруари годинава, а во почетниот период граѓаните биле известувани за прекршоците, додека системот се тестирал и унапредувал.
Според информациите што ги сподели министерот за внатрешни работи при неодамнешната посета на Охрид, бројот на повредени во сообраќајни несреќи годинава е намален за 20 проценти во споредба со истиот период лани, односно имало 34 жртви помалку.