Вработени на АД Водостопанство претпладнево излегоа пред Дирекцијата во Скопје, како и пред 14-те подружници на претпријатието низ земјава за да изразат револт бидејќи се уште не земале плата за јули и најавија протест.
Игор Китаноски претседател на Агросиндикат при Сојузот на синдикати на Македонија вели дека доколку денеска не се исплатат плати, од утре работниците во АД „Водостопанство“ ќе немаат ни здравствено осигурување.
„Денеска сме тука да изразиме револт и незадоволство за неисплатена плата за месец јули иако денеска е веќе 31 август и веќе од утре почнува да тече рокот за плата за месец август. Доколку денеска не се исплати, од утре работниците во АД „Водостопанство“ ќе немаат ни здравствено осигурување. Во текот на изминатата седмица кога од директорот на АД „Водостопанство“ претставниците на синдикатот беа информирани дека ќе нема средства за исплата на јулската плата и ќе нема исплата во неколку наредни месеци натаму ние писмено се обративме до Владата на РМ каде што побаравме средба и да најдеме заедничко решение за исплата на платите. Од Владата исто добивме писмено соопштение дека нашето барање било разгледано и дека нашиот случај е препратен на постапување до кабинетот до претседателот на Владата за економски прашања Фатмир Битиќи. Во истиов допис нема ни конкретно решение како би се решил проблемот, нема ни конкретен датум кога би имало плати, а ни кога би имало средба со Владата“, истакна Китаноски.
Китаноски дополни дека во овој момент во 14 други подружници се организираат протести и доколку во најбрз можен рок не се добие конкретен одговор од понеделник, вработените ќе одат на протест пред Влада и се додека не добијат конкретен одговор нема да се повлечат оттаму.
Коста Малзарков претседателот на подружницата на АД „Водостопанство“ во државна сопственост дополни дека плата вработените немаат земено за месец јули, а од утре и за месец август.
„Во период кога сите цени драматично растат, кога не можат ни основни продукти за храна да купат луѓето, кога утре почнува школската година, нашите вработени не можат на своите деца да купат ни прибор. Бараме Владата како единствен сопственик на акционерското друштво Водостопанство да го реши проблемот, да изнајде средства“, рече тој.
Како што посочи тие се во моментов околу 500 вработени, а проблем со платите имале и минатата година.