Уставниот суд ќе ја преиспитува уставноста на три челна од Законот за матичните книги, во кои е содржан зборот националност во изводите на родени, венчани и умрени лица. Додека трае постапката, до донесување на конечната одлука, од граѓаните не смее да се бараат податоци за националноста за впишување во личните документи.
„Во следниот период Уставниот суд ќе оценува дали е уставно, покрај наведените лични податоци, како што се името, презимето, податоците за раѓање и живеалиште, граѓаните да ја наведуваат и својата националност во матичните книги за родените, венчаните и умрените лица. Според судот, припадноста кон одредена нација е приватно и внатрешно чувство на секој поединец и е негово право да одлучи дали ќе биде припадник на одредена нација, дали ќе се изјасни за сопствената националност, но и да се повика на правото да не се изјаснува за ова. Токму поради тоа е поведена постапката“, вели Христина Беловска, портпаролка на Уставниот суд.
Уставниот суд смета дека оспорените одредби не се во согласност со Уставот, со владеењето на правото и не ја гарантираат тајноста на личните податоци.
„Од денеска, па сѐ додека судот не ја донесе конечната одлука, не смее од граѓаните да се бараат вакви податоци за впишување националност во изводите за родени, венчани и умрени лица, со оглед на тоа што е донесена таканаречена привремена мерка“, извести портпаролката Беловска.
Подносител на иницијативата е политичката партија Левица, а поднесена е на 3 јули годинава.
Од партијата сметаат дека националноста во изводите е отворена врата за автоасимилирање на две нивоа: прво, постои опасност помалите етнички заедници постепено да се претопат во двете актуелно доминантни; и, второ, постои реална опасност македонското население да се бугаризира за само 250 денари, колку што чини таксата за вадење извод, односно декларирањето Бугарин во матичното да биде основ за полесно вадење бугарски пасоши. Освен тоа, Левицата пред поднесувањето на иницијативата преупреди дека личното чуство на граѓанинот не може да се докажува со јавна исправа, односно со документ издаден од државен орган.