Од 16 пожари на отворено во последното деноноќие, изгаснати се 13, два се уште се активни и еден е под контрола, информираа утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активни пожари на отворено се кај село Тажево, Општина Македонски Брод, крак кон Белица и крак кон заштитеното повеќенаменско подрачје Јасен од посебно значење за државата, во правец кон месноста Одделувачи за струја.
„Се дејствуваше со еден полициски хеликоптер од воздух, а од земја со 30 припадници на МВР од Единицата за брзо распоредување (ЕБР), еден тим од четири пожарникари на ТППЕ, осум вработени од Јасен, и еден вработен од ЕЛС, каде што гори борова шума и на планината Серта, Општина Штип, кај Криволак во правец кон село Пенуш, кај месноста Чешмедарски Рид , каде што гори ниска вегетација“, информираа од ЦУК.
Од Центарот информира дека под контрола е еден пожар на отворено и се настојува да се доведе во фаза на локализирање за потоа и да се изгасне.
„Тоа е пожарот во Општина Демир Хисар, на Илинска Планина во реон помеѓу селото Слоештица и селата Брежани и Плаќе. Дејствуваа од воздух, два ер трактори на ДЗС, тим од четири пожарникари на ТППЕ и 14 припадници на Национални шуми, каде што гори ниска вегетација“, велат од ЦУК.
Во последното деноноќие изгаснати се 13 пожари на отворено во општините Студеничани кај село Горно Количани, Крушево, кај село Алданци, Струмица покрај улицата Сандо Масев, кај село Просениково, Василево, кај село Пиперево, Дебар, кај село Броштица, Кичево кај село Србица кај месноста викана Маркулија, Куманово, кај Агино село, Старо Нагоричане, кај селото Жеглане, Виница, Делчево, Јегуновце, кај село Шемшово и во Брвеница, кај селата Чолопек и Милетино.