Основното јавно обвинителство оформи предмет за настанот со автобусот на ЈСП, кога возачот на 8 јули изгуби контрола, излета во лево и удри во бетонска жардиниера на булеварот Гоце Делчев.
Тогаш со телесни повреди се здобија возачот на автобусот и двајца патници.
Од Обвинителството велат дека ќе се испираат и наводите што се изнесени преку јавно искажани изјави од учесници во настанот и од други лица со кои се укажува на незаконитости во работењето на ЈСП Скопје, во поглед на исправноста и одржувањето на автобусот со кој се случи незгодата.
„За таа цел е ангажирано вешто лице од областа на машинството и издадена е наредба за преземање мерки до МВР – Биро за јавна безбедност да обезбеди податоци и документација од ЈСП Скопје во однос на одржувањето, сервисирањето и исправноста на автобусот, како и организацијата на работниот процес. Согласно наредбата, во присуство на вештото лице ќе се изврши проверка на исправноста на автобусот. Дадени се насоки да се извршат и разговори со лица кои имаaт сознанија за настанот“, информираа од Обвинителството.
По настанот, возачот изјави дека им даваат да возат неисправни автобуси и затоа возилото излетало од коловозот.
Претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) Марјан Ристески кажа дека за инцидентот е виновно раководството на претпријатието кое не ги сервисира автобусите и со тоа ги доведува во опасност вработените, но и патниците.
„Инцидентот се случил бидејќи бил неисправен воланот, односно во тој момент се закочил и благодарение на присебноста и искуството на возачот не дојде до поголема несреќа. За овој автобус како и за други се пријавувало дека се неисправни, но не се сервисираат. Замислете, овој автобус пред неколку дена возел до Водно“, рече Ристески.