И обвинителите и судиите се должни да го применат законот. Вака јавниот обвинител Љубомир Јовески одговори на прашањето како се чувствува поради тоа што со измените на кривичниот законик почнаа да застаруваат дел од делата, па сега наместо државата да наплати оштета ќе треба да им плаќа на обвинетите судски трошоци и неправедно држење во притвор.
Јовески вели дека едно е неговото чувство, а сосема друго – примената. Јавниот обвинител е дециден дека онаму каде ќе се утврди дека настапиле елементи на застарување на кривичното гонење, обвинителството и судовите ќе донесат соодветни одлуки.
„Секој обвинител и судија има многу закони со кои не го дели мислењето, но мора да го почитува. Така е и во конкретниот случај“, рече Јовески.
Во врска со фактот што Собранието се’ уште нема распишано оглас за нов јавен обвинител, иако неговиот мандат истекува, Јовески вели дека за тоа испратил известување до Владата. Ако до 25 декември не се избере нов јавен обвинител, објасни јавниот обвинител, Законот ја предвидел таквата можност. Во тој случај, Советот на јавните обвинители, ќе именува вршител на должноста и јавен обвинител, од редот на јавните обвинители во ЈО.