Обновена сезонската авиолинија Охрид-Белград

ohrid-belgrad
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид попладнево од Белград слета авион на „Ер Србија“ со 57 патници, со  што по пауза од шест години е обновена сезонската авиолинија на оваа релација.

„Ер Србија“ ќе лета четири пати неделно од Охрид до Белград, во понеделник, среда, петок и во сабота и како што беше истакнато, ќе биде добро поврзување на патниците со западноевропските и прекуокеанските држави.


Авионот беше пречекан со воден мост, во присуство на  министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и раководството на аеродромскиот концесионер ТАВ Македонија.

Овозможено е поврзување со голем број дестинации, како Амстердам, Виена, Берлин, Болоња, Цирих, Дизелдорф, Франкфурт, Хамбург, Копенхаген, Љубљана, Њујорк, Осло, Подгорица, Прага, Рим, Венеција и Загреб.

Според министерот Бочварски,  и оваа линија е во тајминг кога, како што рече, само ги потврдуваме одличните релации со Србија, кога во рамки на иницијативата Отворен Балкан создаваме низа  погодности за нашите и за српските граѓани и земјите ги доближуваме до регионалната економска соработка и унапредување на слободата на движење на луѓе и добра.

-Оваа авиолинија има за цел исто така да овозможи туристичка промоција на Охрид и охридскиот регион.  А Охрид како најголем туристички центар во Северна Македонија има огромен потенцијал  да прими нови туристи и да ги покаже сите свои историски, културни знаменитости и туристички  потенцијали рече Бочварски.

Охридскиот аеродром, посочи министерот, се уште има добри капацитети кои можеме да ги користиме и ова е добра можност тоа да го докажеме преку воспоставување на нови линии.

Директорот за комерцијални работи и стратегии на „Ер Србија“ Бошко Рупиќ исто така оцени дека линијата е од големо значење и за Северна Македонија и за Србија и ќе придонесе за зголемен број туристи.

-Ќе летаме четири пати неделно, понеделник, среда, петок и сабота. Мислам дека термините се добри за туристите и тоа уште сега го гледаме по бројот на резервации за целата летна сезона, голем број патници од Србија ја користат оваа линија за Охрид, така што може да се очекува раст од наши туристи. Но, исто така, гледаме и голем број на транзитни патници кои преку Белград, користејќи ја нашата мрежа дали кон Северна Америка или Западна Европа патуваат преку Белград и ја користат оваа линија за Охрид, изјави Рупиќ, кој се надева дека линијата ќе се опслужува и во наредните сезони.

Според директорот на ТАВ Македонија Неџат Курт, одлуката на „Ер Србија“ да сообраќа повторно на оваа релација дополнително ќе придонесе за зголемени операции во текот на летната созона на Охридскиот аеродорм и додава голема вредност за туризмот во Охрид и околината.

-Со четирите неделни летови оваа рута ќе има ефект врз севкупниот раст на Охридскиот аеродром и регионот и ќе биде уште поатрактивна опција и избор за туристите од Србија кои ќе може да пристигнат со авион во Охрид за само час и половина, што е пократко, побрзо и полесно патувањето за разлика од патувањето со автомобил како што покажуваат и многу истржувања. Од друга страна, луѓето што живеат во Охрид и во околината ќе имаат одлична можност да отпатуваат во Белград и да ги откријат убавините и на тој град. Ние како ТАВ, аеродоромски оператор сме убедени дека ова повторно воведување на летовите Ер Србија на релација Белград-Охрид-Белград ќе им користи не само на патниците кои патуваат за одмор, туку и ќе го олесни економскиот раст, културната размена меѓу блиските соседи Србија и Северна Македонија, рече Курт.

Охрид-Белград е втора дестинација на „Ер Србија“ во државава, покрај Скопје.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK