Министерството за животна средина и просторно планирање го објави јавниот Конкурс за распределба на средства од Програмата за инвестирање во животната средина за 2025 година. На располагање се 3,7 милиони евра.
Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, истакна дека Програмата има за цел да поттикне и финансира проекти и активности што придонесуваат за заштита, унапредување и одржливо управување со животната средина – како еден од клучните фактори за здравјето и квалитетот на животот на граѓаните.
Меџити со апел до општините, здруженијата на општините, граѓанските организации и научно-образовните институции активно да се вклучат во овој процес.
Вкупниот износ што Министерството го распределува оваа година изнесува 229 милиони денари и тоа 100 милиони денари за изградба и техничка документација за канализациони системи и системи за пречистување на отпадни води, 100 милиони денари за изградба и надградба на водоводни системи, 10 милиони денари за образовни, истражувачки и развојни проекти и 19 милиони денари за активности за подигање на јавната свест, едукација и обуки поврзани со животната средина.
Министерот Меџити потенцираше дека процесот на избор и распределба на средствата ќе се спроведува транспарентно и објективно, со јасно дефинирани критериуми. Апликациите ќе се оценуваат врз основа на повеќе параметри, вклучувајќи организациска структура, ефективност на буџетот, влијание на проектот и усогласеност со национални стратегии.
Рокот за аплицирање изнесува три недели, а формуларите за аплицирање се достапни на официјалната веб-страна на Министерството и се прилагодени според типот на апликант – со цел да се олесни и поедностави процесот.
Особено охрабрување беше упатено до стартапи и технолошки компании да аплицираат со иновативни решенија за подобрување на животната средина.
„Овој Конкурс е вистинска можност за сите што имаат визија, идеи и капацитет да придонесат кон почиста и поодржлива животна средина. Апелирам до сите потенцијални апликанти – искористете ја оваа можност“, изјави министерот Изет Меџити.
Резултатите од Конкурсот ќе бидат јавно објавени по завршувањето на процесот на евалуација.