Новата учебна година во средните училишта во Скопје започнува со подобрени и современи услови за учениците, информираат од Град Скопје.
Во текот на летниот период, како што е соопштено биле реализирани низа инвестиции во образовната инфраструктура, со цел создавање поквалитетна и инспиративна средина за учење.
„Обновени и опремени се кабинети по математика и физика, лаборатории по хемија и биологија, а училиштата добија современа наставна опрема, интерактивна технологија, дидактички помагала и нов мебел.
Посебно внимание е посветено на практичната настава преку современи лаборатории и изградбата на паметен пластеник, каде учениците ќе имаат можност практично да ги применуваат знаењата од науката, технологијата и земјоделството.
Дополнително, изградени се и нови современи спортски терени, со што се создаваат подобри услови за спорт, физичка активност и здрав развој на младите.
Со овие инвестиции, Скопје продолжува да гради образование што ја поттикнува љубопитноста, креативноста и практичните знаења и ги подготвува младите за професиите и предизвиците на иднината“.
Ова, вели скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски е новиот пристап кон образованието што го градиме во Скопје.
Пристап што ја поттикнува љубопитноста, ја развива креативноста и ги подготвува младите за професиите и предизвиците на иднината.
Нашите ученици заслужуваат училишта во кои ќе сакаат да учат, да истражуваат, да спортуваат, да напредуваат и да ги остваруваат своите соништа.
Влогот во најмладите е влог во иднината“