Нова спортска сала доби основното училиште „Наум Охридски“ во Булачани

Bulacani.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Основното училиште „Наум Охридски“ во Булачани во општина Гази Баба, доби нова спортска сала. Во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот Бобан Стефковски, објектот со површина од 550 квадратни метри, денеска беше пуштен во употреба. Станува збор за инвестиција од 29,7 милиони денари кои ги обезбеди локалната самоуправа.


Честитајќи им на учениците, наставниците и на локалните жители, министерката Јаневска информираше дека Владата има намера во текот на мандатот да изгради триесетина училишни спортски сали, а за две веќе договорите се потпишани.

– За да имаме здрави деца, здрави генерации, неопходна им е физичка активност. Освен за часови по физичко, салата ќе биде достапна и за воннаставни спортски активности, кои создаваат здрави животни навики и ги учат децата од најмала возраст на другарство и позитивен однос кон врсниците, соработка и почит кон другите, ги ангажираат децата со позитивни активности и со тоа ги намалуваат ризиците од застранување, рече Јаневска.

Таа посочи дека МОН е насочено кон градење на поквалитетно образование кое ќе им овозможи на учениците оптимално да ги развиваат знаењата, вештините и компетенциите за да можат подоцна да бидат достојни граѓани на Македонија.

– Затоа и сакаме во што повеќе училишта да создадеме услови за едносменска работа и продолжен престој на децата. Тоа е услов нашите ученици да можат да се натпреваруваат со нивните европски врсници, истакна министерката, додавајќи дека големите промени веќе се случуваат и дека ќе бидат исполнети сите ветувања дадени пред граѓаните, кои воедно се и дел од програмата за работа на МОН.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK