Директорот на Царинската управа Бобан Николовски оствари работна средба со директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев. Двете страни на средбата ја потенцираа својата посветеност во заедничката борба против организираниот криминал и корупцијата, како и безбедноста на граничните премини кои ќе бидат главните постулати на соработката помеѓу Царинската управа и македонската полиција.
На средбата беше договорено во периодот кој следува да се интензивира соработката на оперативно ниво со дефинирање контакт точки помеѓу двете служби со цел спроведување на успешни заеднички акции.
Истакната беше потребата од заеднички пристап во надградбата на електронските системи и размената на податоци помеѓу двете институции како и можностите за системско поврзување на системот за видео надзор и препознавање на регистарски таблички на граничните премини, што за цел ќе овозможи побрз проток на патници и стоки на границите а воедно ќе овозможи поефикасни контроли и секако подобри резултати во откривачките функции на институциите.
Директорот Јанев ја изрази својата подготвеност за размена на искуства, знаење и најдобри практики за успешно функционирање на неодамна формираниот сектор во Царинската управа за посебни истражни мерки.
„Двете служби ќе соработуваат за воспоставување на системско решение за континуирано идентификување и спроведување на заеднички обуки, кои ќе вклучат развој на превентивни мерки за намалување на криминалот, криумчарење и нелегална трговија.“, потенцираше директорот Јанев.
„Ќе работиме заедно на дефинирање на точките на заедничко делување, но и разграничување на надлежностите на двете служби, при што ќе се овозможи хомогено дејствување и подобри заеднички резултати во интерес на безбедноста на граѓаните и поддршка на легалната трговија“, истакна директорот Николовски.