Голем е револтот, но и разочарувањето на просветните работници од власта на ДПМНЕ. Наставниците во септември нема да го добијат очекуваното зголемување на платите од 12%, иако Мицкоски и ДПМНЕ тоа го ветуваа, вели Даниела Николова, пратеничка на СДСМ.
„ДПМНЕ го погази ветувањето за унапредување на образованието. Секој знае дека нема квалитетно образование без инвестиција во образовниот кадар. Вложувањето во наставниците е инвестиција во иднината на нашите деца, но и на целата држава. Но, Мицкоски и Јаневска немаат концепт за образование, ниту има намера да ги зголеми платите на наставниците. Повторно, ДПМНЕ во сите работниците гледа евтина работна сила.
Владата на СДСМ во време на најголема здравствена и економска криза ги покачуваше платите. Со СДСМ наставниците секоја година, во септември, новата учебна година ја започнуваа со повисока плата. Во септември 2019 и 2020 година добија покачување по 5 отсто, во септември 2021, 10 отсто. Во септември 2022 и 2023 година СДСМ ги покачи платите во образованите на два пати по 15 отсто“, вели Николова.
Како што додава, СДСМ ги зголеми платите во образованието за над 55 отсто.
„СДСМ и денеска е на страна на наставниците. Бараме Владата на Мицкоски да го исполни ветувањето и платите да им бидат покачени. Пари има! Во прашање е определување на приоритетите каде тие пари ќе се вложат. На наставниците им следуваат повисоки плати и обврска на Мицкоски и неговата влада е тоа зголемување да го реализира. Идните генерации, учениците заслужуваат квалитетно образование, опремени училишта и секако задоволни и ценети наставници, кои ќе ги образуваат и инспирираат“, завршува Николова.