Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски реагираше на како што вели, последната хистерија која што ја создаваат дел од неуспешните бугарски политичари.
„Непотребно Македонија ја внесуваат во предизборната тематика во Бугарија и најмалце мислам дека Македонија може да е одговор на седмите неуспешни избори со кои се соочува Бугарија. Кризата во бугарското општество е создадена од токму овие политичари кои што, наместо да дадат одговор на домашната јавност за високиот степен на корупција и криминал кој што го има во Бугарија, за лошата економија поради која многу заминуваат, тие сакаат да се занимаваат со Македонија. Нивното занимавање со Македонија, всушност покажува дека ниту сакаат добрососедство, ниту сакаат Македонија да стане член на Европската Унија, уште по малце да напредува кон Европската Унија. Тие сакаат да ја блокираат Македонија и да ја користат Македонија како своја предизборна тема“, вели Николоски.
Вели дека нема да го дозволи тоа и нема да дозволи да било кој бара изговори во негови изјави или било што друго што се случува во Македонија.
„Всушност, самото тоа што се бидат изјави од контекст и што лошо се разбираат во Бугарија, покажува дека македонскиот и бугарскиот јазик се различни. Затоа што, она што има еден контекст на македонски јазик, очигледно има друг контекст на бугарски јазик. Но, јас останувам позади се што сум кажал, а тоа е дека е некултурно, непристојно и нецивилизирано да ви дојде на гости претседател на држава а вие да не го удостоите со ставање на знамето на државата која што ја претставува. Нема оправдание за Румен Радев затоа што не го стави македонското знаме при посетата на Гордана Силјановска Давкова како претседател на Македонија. Дали сакаше да испрати порака дека тие во суштина и не ја признаваат Македонија, што е можеби нивни долгогодишен сон. Ние сме јасни кој сме, ние сме засебна нација, македонска нација, засебен народ, македонски народ. Ние зборуваме свој македонски јазик различен од сите останати јазици, ние имаме своја историја, своја култура. Ние знаеме кои сме и не треба на никого да се докажуваме. А, оние кои што сакаат поинаку да ја читаат историјата, се политичари од деветнаесетиот, а не политичари од дваесет и првиот век“, посочи Николоски и додаде:
„И би сакал нешто да кажам и на оние политичари кои што бараат оставка од мене. Од мене бараат оставка политичари кои што се обвинети за криминал и корупција, политичари кои што ги видовме на слики како спијат на кревет покрај пачки со злато и стотици илјади евра во девизии. Такви ли политичари ќе бараат оставка од мене? Извинете господа, ама вие не сте достојни да побарате оставка од мене. Жал мие е што добрите односи помеѓу двата блиски народи, македонскиот и бугарскиот народ, ги уништуваат корумпирани политичари кои што не можат ништо да направат за сопствената држава, освен да внесуваат гнев и омраза.
И таков е овој кој што го споменав со пачките злато, таков еден друг кој што важи за голем олигарх во Бугарија и такви се една редица други политичари кои што се корумпирани, а таков е и оној кој што е претседател на Бугарија и кој што немаше минимум пристојност и минимум цивилизациско однесување да стави македонско знаме при посетата на македонскиот Претседател.
И затоа е ваква мојата реакција и затоа ќе продолжиме и јас и ВМРО-ДПМНЕ да ги браниме македонските национални интереси. Наша цел е Македонија да напредува, да стане членка на Европската Унија, да го изоди патот кон Европската Унија, но тоа да биде гордо и достоинствено, а не понижени. Ние секогаш ќе ги браниме македонските национални интереси. Ние ништо туѓо не бараме, ама сакаме да го заштитиме нашето“.