– Независниот медицински синдикат на Македонија од денешната средба со членовите во најголем дел возачи на Брза помош што се одржа денеска во Велес до надлежното го искажаа своето незадоволство од начинот и постапките на примена на Законот во делот на работните односи, Законот за здравствена заштита, Општиот колективен договор во јавниот сектор и колективниот договор на здравствен сектор на ниво на сите Јавни здравствени установи во земјава.
Претседателот на овој независен синдикат Горан Ристески, во изјава по средбата потенцира дека на членовите на оваа, како што рече , маргинализирана група возачи на Брза помош во ЈЗУ во градовите во земјава, не секаде исто им се исплаќа плата, додатоци на плата и бенифициран стаж.
Воедно членовите на овој синдикат воглавно возачи на Брза помош од денешната средба во Велес искажаа незадоволство затоа што полицијата често ги казнува со високи казни за брзо возење иако тие, како што велат, итаат да спасат нечиј живот кој е во опасност и кога и секундите се важни.
Тие се револтирани од надлежните бидејќи, велат, за разлика од порано кога Брзата помош била прва од возилата за предимство, сега за жал тоа се возилата со придружба односно возилата на високи владини делагации, а кои и тие мора да ги чекаат.
Возачите на Брза помош потенцираат дека секое нивно чекање на овие возила со придружба, што често им се случува, е проблем затоа што, секоја изгубена секунда и минута значи нечиј живот.
-Овие вработени се под минимална плата, па се прават одредени додатоци за да помине во УЈП. Не секаде во сите јавни здравствени установи во земјава се исплаќа бенифициран стаж, не само за возачите, туку и за персоналот во Итна медицинска помош. Особено е загрижувачко што возачите кои работат во ЈЗУ Психијатриски болници во земјава немаат бенифициран стаж, а тие се и возачи на санитетско возило и болничари, потенцира Ристески.
Од Синдикатот сметаат дека е потребна корекција во Општиот колективен договор во делот на коефициентот адекватна примена на законот за пензиско и инвалидско осигурување, каде што согласно со правилникот тие треба да имаат бенифициран стаж. Воедно информира дека не е само оваа туку има и други групи во јавни здравствени установи коишто се нивни членови и кај кои имаат неадекватна примена на позитивни законски норми.
Тој информира дека во таа насока формирале Координативо тело кои ќе има задача да преговараат со ресорниот министерство за здравство,а ако има потреба и со Фондот за здравство,а со цел правилна и адекватна примена на позитивните законски прописи.
-Министерот за здравство го потпишува колективниот договор и независниот синдикат, но проблем е неговата неадекватна примена. Ние бараме законот подеднакво да се применува во сите јавни здравствени установи во земјава без разлика во кој град е и во која ЈЗУ, без разлика дали е клиничка или општа болница или здравствен дом сите вработени да земаат исти плати и додатоци, потецира Ристески.
Борче Трпков е новоизбран претседател на Координативното тело на Независниот медицински синдикат на Македонија НМСМ.
-За жал ние сме работници чија работа не се цени, а поголем дел од работата во ЈЗУ во земјава зависи од нас. Прво со платите сме на најниска гранка, а не се исплаќаат многу додатоци што ни следуваат според закон за работни односи, потенцира Трпков.
Тој најави дека ќе испратат допис до министерот за здравство со цел сите вработени во ЈЗУ во земјава да бидат унифицирани и изедначите во платата и другите додатоци и бенифиции.
-Надлежните треба да сфатат дека ние не работиме поединечно и дека сме дел од медицински тим. Сите функционираме заедно и секој си ја знае работата. Докторот не може сам да функционира, како ни сестрата, ни возачот бидејќи сите ние само заедно сме тим за да можеме да функционираме да стигнеме навреме на местото на настанот и да спасиме нечиј живот во опасност, потенцира Трпков.
Тој побара од надлежното министерство да бидат унифицирани како возачи на санитетско возило.