Од Демократската унија за интеграција загрижени поради загадувањето на водата во Гостивар и сериозниот ризик што, како што велат, оваа состојба го претставува за здравјето на граѓаните. Како што потенцираат од оваа партија, безбедноста на водата за пиење е основно човеково право, а секој институционален пропуст во нејзиното гарантирање е неприфатлив.
„Надлежните институции мора веднаш, одговорно и со целосна транспарентност да постапат за да го утврдат изворот на контаминацијата, институционалната одговорност и да разјаснат дали навремено биле преземени сите неопходни мерки за заштита на граѓаните. Секое одложување или прикривање на информации само ја зголемува несигурноста и ја нарушува довербата на јавноста.
ДУИ целосно ја поддржува секоја професионална и независна истрага што ќе го расветли овој случај, ќе го заштити здравјето на граѓаните и ќе обезбеди секој што е одговорен да се соочи со правдата“.
Бараат редовно и транспарентно информирање на јавноста, непречено снабдување со безбедна вода за погодените семејства, како и континуирани лабораториски контроли сѐ до официјална потврда дека водата е целосно безбедна за употреба.
Здравјето на граѓаните мора да биде над секој друг интерес“.
Според ДУИ, одговорноста, транспарентноста и брзото постапување се институционална обврска, а не избор.