„Нема повеќе багатела храна на државна сметка“ – за 50 отсто зголемени цените во владините објекти

vlada-meni-restoran.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Зголемување на цените на угостителските услуги во владините објекти за педесет отсто најави директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски.


Тој рече дека нема повеќе “багатела” јадење на државна сметка, со оглед на тоа што цените во собранискиот и владиниот ресторан беа значително поевтини од оние кои им се достапни на граѓаните.

„Излегувајќи во пресрет на овие оправдани повеќегодишни забелешки, како и во функција на натамошно рационализирање, на мој предлог како директор на СОЗР, Владата вчера едногласно усвои првична одлука за зголемување на цените на угостителските услуги за 50 отсто. Ваквото зголемување на цените не е прекумерно имајќи предвид дека претходно цените беа значително пониски во споредба со приватниот пазар“, рече Томовски.

Директорот најави дека дополнително ќе бидат направени анализи и секогаш кога ќе се јави потреба поради отстапувања од пазарните цени, ќе има корекции на истите.

Според него, важно е да се обезбеди еднаков пристап на сите услуги, но без привилегии за избраните функционери и раководниот кадар.

Во јавноста темата се разгоре пред две години кога на социјалните мрежи се појави фотографија од менито во Владата, каде се нудеа неверојатно ниски цени за храна, додека растеа цените во маркетите и рестораните. Според менито објавено тогаш, сланина на скара ги чинела вработените во Владата 85 денари, бифтек 185, стек 100, свинско со праз 170, тиквици 120, телешко 160 а тавче-гравче 45 денари.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK