„Денес, со тешко срце се збогуваме со нашата драга Ана, наша студентка, другарка и член на УАКС семејството. Неизмерно тагуваме по огромната загуба на нејзиниот млад живот исполнет со многу светлина, која нѐ грееше сите нас секојдневно“, велат од Универзитетот „Американ Колеџ Скопје“ .
Ана ќе ја паметиме по нејзината добрина која несебично ја делеше со сите оние кои ја познаваа, нејзината топлина како човек и пријател, но и по нејзината амбиција, таленти и љубов која ја имаше за сите и за сѐ што правеше. Нејзиното присуство беше вистинско богатство за сите што имаа чест да ја познаваат. Нејзиното отсуство пак, ќе е гласно и ќе го чувствуваме сите многу долго и длабоко.
Во овие моменти на огромна тага, нашите мисли се со нејзиното семејство, пријатели и сите оние кои ја познаваа и кои ја сакаа. Споменот на нашата Ана нека биде она што ќе ни даде сила да бидеме солидарни, да подадеме рака и да бидеме поддршка за оние на кои најмногу им треба.
Во отворената Книга на жалост, денес, а и во деновите што следат, ќе ги запишеме нашите мисли и молитви и ќе ја спомнеме нашата другарка.
Почивај во мир, мила наша Ана. Засекогаш ќе останеш дел од нашите срца и од нашата приказна“, велат од Универзитетот „Американ Колеџ Скопје“.