Запрашан за коментар, за тоа што вработените од Агенцијата за одземен имот добиваат навреди и закани заради одземениот имот на Мијалков, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од денешниот увид во градежните активности на новиот објект на полициската станица од општа наделжност Аеродром В, порача дека без разлика за кого станува збор, тоа што е стекнато на нелегален начин мора да биде одземено.
Апсолутно е недозволено, рече Спасовски, да има закани, упатувања, навреди или било што друго, заради вршењето на својата работа.
Кажа дека МВР е во постојана координација со раководството на Агенцијата за одземен имот.
„Цврсто стоиме на тој став да ги преземеме сите мерки на заштита и сето она што е законска обврска да биде реализирано. Па не Мијалков, и свети Мијалков ако сака нека е, тоа што го стекнал на криминален начин мора да му се одземе“, порача Спасовски.