Не ги потпишав платите, има лица кои никогаш не сме ги виделе на работа-ексдиректорката на Заводот за физикална ја заштитувала институцијата

На-повидок-нов-скандал-во-здравството-директорка-со-истечен-мандат.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Досегашната организациска директорка на ЈЗУ Завод за физикална медицина и рехабилитација Миранда Шабани не ги потпишала платите за вработените за да ја заштити институцијата откако утврдила дека на списокот има лица кои не се појавиле на работа. Побарала да им се раскинат договорите за вработување, а на останатите им се извини за доцнењето на платите. Во меѓувреме Министерството за здравство извести дека нејзиниот договор за организациски директор бил истечен и дека нема да ѝ го продолжат туку дека ќе биде прераспределена на друго работно место и дека ќе ги разгледаат сите наводи за злоупотреби во Заводот кои им стигнале од Шабани.


„Во институцијата каде што ја извршував функцијата како организациски директор плата земаа лица кои што никогаш не сме ги виделе на работа. Лица кои што никогаш не биле потпишани во книгата за евиденција. Како организациски директор побарав од медицинскиот директор, правен сектор и секторот за човечки ресурси, на лицата кои не доаѓаат на работа да им се прекине договорот. Директорот не прифати, поради само нему познати причини. За да не се оптовари буџетот на институцијата решив да не ги потпишам платите“, вели ексдиректорката Шабани за „Макфакс“.

Нагласи дека била организациски директор во Заводот шест месеци кои и биле доволни да ги открие сите неправилности.

„Во првиот момент кога го видов планот за актуелните вработени кој што беше составен по барање на Фондот за здравство и планот за нови вработувања сфатив дека податоците не се совпаѓаат и решив да не потпишам. Дали јас ќе бидам разрешена или нема да ми се продолжи мандатот, тоа е најмал проблем во оваа институција. Битно е да се платат тие што работат а не тие што не доаѓаат на работа“, вели директорката Шабани.

Таа не одговори на прашањето зошто токму сега ги пријавува злоупотребите кога, според Министерството за здравство и истекол мандатот.

Министерството за здравство вчера најави дека ќе ги разгледа наводите за злоупотреби во Заводот и законски ќе постапи.

Некои од вработените се пожалија дека им доцни платата и најавија прес- конференција за вчераутро пред Заводот но никој не излезе јавно да зборува за доцнењето на платата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK