НБРМ: Банкарскиот сектор и натаму е сигурен и стабилен

Совет-на-Народната-банка-1-2.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Советот на Народната банка го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот систем на Република Северна Македонија во третиот квартал од 2024 година. Исто така, Советот донесе нова Одлука за методологијата за идентификување системски значајни банки со која се унапредува постојната методологија врз основа на која Народната банкa ги идентификува системски значајните банки во земјава и за нив го утврдува заштитниот слој на капиталот. Ова претставува макропрудентен инструмент за јакнење на отпорноста на банкарскиот систем преку јакнење на солвентноста и стабилноста на системски значајните банки на неочекувани шокови или загуби коишто можат да настанат во текот на нивното работење. Измените на одлуката за системски значајни банки се прави и заради натамошно приближување кон Насоките од Европскиот банкарски орган (ЕБА) за идентификување на домашните системски значајни банки, соопшти НБРМ.


Според Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во текот на третиот квартал, показателите за изложеноста на ризиците на банкарскиот сектор и натаму се стабилни, а стрес-тестовите укажуваат на добар капацитет за справување со шокови. Стапката на адекватност на капиталот се задржа на нивото од 19%, коешто е највисоко во последните седумнаесет години, додека учеството на нефункционалните кредити во вкупните е на историски ниски 3%. Во третиот квартал од годината банките работеа во услови на позначително забавување на домашната инфлација и поволен девизен пазар, но ризиците од окружувањето сѐ уште постојат и е потребно нивно натамошно внимателно следење и претпазливост во водењето на политиките заради задржување на стабилноста на банкарскиот сектор и во следниот период.

Растот на депозитите од граѓаните и фирмите забрза и овозможи одржување на кредитниот раст, но и зголемување на ликвидните средства на банките. Притоа, забрза годишниот раст на депозитите искачувајќи се до нивото од 7,9%, во кој преовладува долгорочното штедење, како и денарските депозити, поттикнато и од мерките на Народната банка за поддршка на денаризацијата и штедењето на подолг рок. Се забележува забрзување на годишниот раст кај кредитирањето до 7,5%, додека резултатите од Анкетата за кредитната активност во третиот квартал од 2024 година укажуваат на натамошно нето-олеснување на вкупните кредитни услови и нето-зголемување на кредитната побарувачка, и кај двата сектора − претпријатијата и домаќинствата.

Советот, како што е нагласено во информацијата, усвои и измени на регулативата за сметководство и финансиско известување за банките и штедилниците заради спроведување на барањата на меѓународниот стандард за финансиско известување („МСФИ“) 16 „Наеми“ и усогласување со важечките МСФИ, објавени од Одборот за меѓународни сметководствени стандарди.

Разгледани се и повеќе други прашања поврзани со работењето и сегашните активности на централната банка, а ги донесе и Финансискиот план и Планот за инвестициите на Народната банка.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK