НБ го поддржа и подготви нашиот тим што учествуваше на Меѓународната економска олимпијада за средношколци во Грција

olimpijada-grcija
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Народната банка (НБ) преку серија предавања го подготви нашиот тим кој учествуваше на Меѓународната економска олимпијада за учениците од средните училишта што се одржа од 25 јули до 2 август годинава во Грција на која ученикот Давид Ставров освои бронзен медал.

Меѓународната економска олимпијада e престижен меѓународен натпревар по економија за учениците од средните училишта, што се одржува од 2018 година наваму, а годинава се одржа од 25 јули до 2 август во Грција. Целта на овој настан е преку натпревар да се зајакнат знаењата на учениците од областа на економијата, а воедно да се поттикне и натпреварувачкиот дух и меѓународното поврзување на младите.


-Заради јакнење на финансиската писменост на населението од сите старосни категории и профили, Народната банка презема иницијативи и активности на повеќе полиња. Меѓу нив е и поддршката преку подготовка на нашите ученици претставници на Меѓународната економска олимпијада, од кои ученикот Давид Ставров освои бронзен медал, велат од НБ.

Народната банка, додаваат, зеде активно учество во подготвителните активности на учениците за учество на Олимпијадата, преку одржување серија предавања за учениците во просториите на централната банка: „Да се запознаеме со Народната банка“, „Монетарна политика“, „Лични финансии“, „Платежни инструменти – Современи начини на плаќање“, „Анализа на економските показатели со посебен осврт на коефициентот на Џини“, како и дополнителни презентации според барањата на учениците за дополнување на знаењата и одговори на разните модули на вежби и едукативни игри за Олимпијадата.

-Овие предавања се дел од потпишаниот Меморандум за соработка во доменот на финансиската едукација, за потребите на Меѓународната економска олимпијада, помеѓу Народната банка и Сојузот на математичари. Целта на соработката со Сојузот е откривање, поддршка и поттикнување на натпреварувачкиот дух на учениците со особен талент и знаења од областа на економијата, финансиите и бизнисот, прецизираат од НБ.

Наши претставници на годишнава олимпијада, покрај Ставров, кој е ученик во IV година во ПСУ „Алгоритам“, Скопје, беа и Стефанија Кузмановска, III година во Математичко-информатичката гимназија, Скопје, Рина Толева, IV година во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“, Скопје и Давид Арсовски, IV година во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“, Скопје. Овие ученици претходно освоија најдобри резултати на Државната економска олимпијада што се одржа на 31 мај 2023 година, наменета за поттикнување и продлабочување на знаењата кај младите од областа на економијата, финансиите, бизнисот и примената на математичките модели во економијата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK