По вчерашната изјава на министерка за образование и наука Весна Јаневска дека нема да има зголемување на платите на наставниците, од СОНК рекоа дека следува 12 проценти зголемување и ќе остават простор за дијалог до 15 септември. Министерката беше запрашана дали би ја сменила одлуката.
„Секако дека ќе разговараме со сите социјални партнери и секако дека ќе бараме начин да ги измотивираме наставниците на сите можни начини. Наставниците не се депримирани само ради средствата со кои се покрива нивниот труд, има и многу други елементи кои ги вознемируваат и прават незадоволни. Почитта од страна на родителите, почитта од страна на учениците, почитта од страна на општеството итн“, вели Јаневска.
Таа додаде дека се отворени за разговор и дијалог, но мора реално да се согледаат можностите.
„Сите вие знаете каква девастирана држава наследивме, не само во образованието, ние сега треба да го спречиме слободниот пад на државата, да го стабилизираме, да го придвижиме кон нулата и оттука да почнеме да градиме нанапред. Образложувам зошто е потребно и грчевито ќе се борам, но реалните можности се тие. Доколку изнајдеме решение, кое не зависи само од министерот за образование и нашите желби, доколку се отвори некаква можност, се доаѓа во обзир, но во овој момент јас таа можност не ја гледам“, заврши Јаневска.