– Во рамки на одбележувањето на 22-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, по втор пат ја организира Школата за млади лидери „Peace Forum Dialogue“ (ПФД) со над 80 учесници.
Како што соопштуваат од Кабинетот на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, преку „Peace Forum Dialogue“ на младите им се дава можност да стекнат знаења за функционирањето на политичкиот систем во земјата, спроведувањето на политиките кои произлегуваат од Охридскиот рамковен договор, унапредувањето на меѓуетничките односи, управувањето со конфликти, градењето мир, социјалната кохезија, консензуалната демократија, градењето мир и соживот меѓу етничките заедници и интеграција на граѓаните во јавниот, социјалниот, економскиот и културниот живот.
На првиот ден на отворањето на форумот во Маврово се обратил заменик министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Џабир Доко кој истакнал дека Школата за млади лидери нуди можности за учесниците да се стекнат со нови знаења од најдобрите експерти во земјата и регионот.
– Како млад човек кој извршува јавна функција и долгогодишен општествено активен поединец ме радува што последните години сѐ повеќе млади добиваат можност да бидат дел од клучните процеси во општеството, бидејќи верувам дека младите имаат визија, енергија и потенцијал кои можат да носат позитивни промени и прогрес во сите области. Затоа ве охрабрувам секогаш да бидете отворени кон нови предизвици и да бидете движечката сила на нашето општество, рекол Доко.
Тој додал дека Школата за млади лидери нуди извонредна можност за збогатување на знаењата од врвни експерти, но исто така и создавање на нови познанства и пријателства, притоа нагласил дека важно е што меѓу учесниците има претставници од повеќе етнички заедници.
– Целта на Школата за млади лидери е стекнување нови знаења и подобрување на лидерските вештини за можности и придонес за иднината, во позитивниот развој на општеството, стои во соопштението.