На Факултет за ветеринарна медицина – Скопје ќе се одржи комеморативна седница за проф. д-р Јосиф Тосевски

На-Факултет-за-ветеринарна-медицина-–-Скопје-ќе-се-одржи.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје, утре, 22-ри декември, од 11:00 часот ќе се одржи комеморативна седница во чест на еден од најистакнатите професори и поранешен декан на факултетот, проф. д-р Јосиф Тосевски.


Во неговата професионална кариера се обединети трите столба на ветеринарната медицина: едукацијата, науката и практиката (применувачката дејност). Уште во младоста, се стекнува со големо професионално искуство од областа на интензивното сточарско производство, особено на свињите, кое потоа ќе го преточи во сферата на стручното образование, најпрво во средното, а подоцна, со формирањето на Ветеринарниот факултет (денешен ФВМС) во Скопје, и во високото (факултетското), односно во образувањето на генерации доктори по ветеринарна медицина во Македонија, како и во редицата научни статии објавени во списанието „Македонски ветеринарен преглед“, во првите години на Ветеринарниот факултет во Скопје.

Во осумдесеттите години на минатиот век преку деловната заедница „Ветерина“ учествува во стручното усовршување и до едукацијата на ветеринарните лекари, дејност што може да се смета за претеча на денес актуелното континуирано образование, односно концептот на доживотно учење што се негува во земјите членки и аспиранти за Европската Унија.

Тосевски е роден во Свети Николе на 14.02.1943 година. Основно училиште завршува во Свети Николе во 1958 година, ветеринарен техникум во Битола во 1962 година, а Ветеринарниот факултет го завршува во Белград во 1968 година, каде што има и докторирано во 1984 година, наслов на докторската дисертација: „Утицај индукованог прашења на неке физиолшке и производне особине рано одбијене прасади“.

Во 1969 година се вработува во ЗИК „Овче Поле“ како ветеринарен лекар во говедарството, живинарството и свињарството. Во 1970 година е ангажиран од страна на Заводот за техничка помош на СРМ и остварува стручна посета на свињарски фарми во Бугарија. Во 1976 година, од страна на Југословенскиот одбор за свињарство е избран за член на комисијата за избор на селектирани нерези за приплод од Шведска. Истата година на VI Собир на одгледувачите на свињи, одржан во Скопје, ја добива златната плакета како признание за вонреден придонес во развојот на свињарството во Југославија.

Во периодот 1981-1985 година го изготвува наставниот план и програма и учествува во наставата во Средното ветеринарно училиште во Свети Николе. Од 1983 до 1987 год. работи во Месната индустрија во Свети Николе каде што го има развиено комплетниот капацитет на производство и на контрола на производите од животинско потекло. Исто така, ја има организирано и работата на лабораториите за хемиски анализи и бактериолошки испитувања, трихиноскопијата и термостатирањето на конзервите.

Во 1988 година работи во „Ветерина“ – деловна заедница на ветеринарните организации каде што создава услови за едукација на ветеринарните организации во извршување на нивната мисија (улога и задачи), нивната дејност и обединување на прометот со лекови, помошни лековити средства и медицински помагала.

Во 1992 год. е избран за доцент по предметот Патолошка физиологија на домашните животни на ветеринарната насока при Земјоделскиот факултет во Скопје, а со осамостојувањето на Ветеринарниот факултет (денес Факултет за ветеринарна медицина) во 1994 год. станува шеф на Катедрата за патолошка физиологија, и на таа позиција е сè до пензионирањето во 2007 година. На предметот Патолошка физиологија е избран за вонреден професор во 1996 година, а за редовен професор во 2001 година. Освен тоа, на предметот Физиологија на животните е избран во редовен професор во 1998 година. Во периодот 2001-2006 година ја држи наставата и по предметот Управно ветеринарство.

Во периодот 1996-2000 година е продекан за настава, а од 2004 до 2005 година декан на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје. Од 1998 до 2000 година ја врши функцијата директор на Управата за ветеринарство при Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство.

Проф. д-р Тосевски има учествувано на годишните генерални собранија (1966, 1967 и 1968 година) на Меѓународното биро за епизоотии (Office international des epizooties – OIE) во Париз во 1998, 1999 и 2000 година. Во рамките на програмата FARE за земјите од Југоисточна Европа, во 1999 година остварува низа стручни посети на приватни ветеринарни друштва, институти, факултети и ветеринарни комори и здруженија во Пирбрајт, Вејбриџ, Рединг, Хелсинки и Лелистад.

Во периодот 1998-2000 година, во функција на директор на Управата за ветеринарство и претседавач на Комисијата за земјоделство, учествува во спроведувањето на Договорот за асоцијација од 1997 година, како и во подготовката на елементи за Договорот за асоцијација и стабилизација на Република Македонија со Европската Унија од 2000 година.

Исто така, има учествувано во работата на работната група формирана од Министерството за здравство со цел изготвување на Закон за безбедност на храната, Закон за стандардизација на храната и Закон за акредитација на лаборатории и служби (сите во соработка со со ГТЗ-Германија). Во 2000 година учествува во работата на Семинарот за воведување систем на квалитет и управување со квалитетот (ISO 9001:2000) во ветеринарното здравство, организиран од страна на Генералната дирекција за земјоделство и храна во Брисел.

Проф. д-р Тосевски, самостојно или во соработка со други научни работници е автор на 56 научни и стручни трудови објавени во разни научни и стручни списанија во земјава и во странство, или усно изложени на разни домашни и меѓународни собири. Автор е и на учебникот „Патолошка физиологија на цицачи и птици“ и коавтор на 2 учебника: „Практикум по клиничка патофизиологија“ и „Енциклопедиски речник по патофизиологија“ (во коавторство со д-р Игор Улчар), на 1 монографија и на 1 книга, „Анамнестика за естетиката, деонтиката и етиката“ во два тома.

Професорот Тосевски има дадено свој придонес во почетоците на процесот на пристапување на Република Македонија во ЕУ, како директор на тогашната Управа за ветеринарство при МЗШВ (во периодот 1998-2000 година), конкретно во хармонизацијата на прописите од ветеринарното јавно здравство и безбедноста на храната со соодветната европска легислатива, со што можеме да го вброиме како еден од втемелувачите на овој сложен и долготраен процес, кој е сè уште во тек, што го потврдува значењето на неговата работа, не само како на доајен на ветеринарната медицина, нешто што го имаше веќе претходно постигнато, туку неговата дејност довива на значење и во еден поширок општествен контекст.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK