Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска имаше средба со претставници на Статистичкиот завод на Европската Унија – Евростат, Жан-Пјер Понселе и Клаудија Јункер. Во фокусот на разговорите беше важноста на официјалната статистика во процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, како и нејзиното користење за креирање на развојни и економски политики засновани на докази. Се разговараше и за поддршката на Државниот завод за статистика за да одговори на потребите на евроинтегративниот процес.
Министерот ја истакна клучната улога на статистиката, не само во рамките на Поглавјето 18 од правото на ЕУ, туку и низ неколку други политички области. Тој нагласи дека статистиката е од витално значење за следење на економското управување, реформата на јавната администрација и институционалното усогласување со стандардите на ЕУ.
На состанокот беше потенцирано дека Северна Македонија има направено значителен напредок во усогласувањето на својот статистички систем со стандардите на ЕУ, што е потврдено во различни извештаи на Европската комисија. Соговорниците ја подвлекоа потребата од понатамошни подобрувања, особено во однос на проширување на обемот и квалитетот на податоците за макроекономската и социјалната статистика.
Двете страни ја потврдија својата посветеност за продолжување на соработката, во контекст на напредокот на Северна Македонија кон целосна интеграција во Унијата.