Муртезани се сретна со еврокомесарот Вархеји: нагласена цврстата посветеност на Македонија кон процесот на пристапување кон ЕУ

Murtezani-Varheji1-3.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани, со средба со комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји, утрово ја започна својата прва работна посета на Брисел.


Разговорите беа фокусирани на тековниот евроинтегративен процес и на чекорите што претстојат за понатамошен напредок. Министерот Муртезани ја нагласи цврстата посветеност на Северна Македонија кон процесот на пристапување кон ЕУ, како и подготвеноста на земјата да се усогласи со стандардите на Унијата. Комесарот Вархеји го поздрави придонесот на Владата во контекст на интензивните подготовки за Планот за раст на ЕУ за земјите од Западен Балкан, истовремено потенцирајќи ја потребата од брзо преминување на следната фаза – исполнување на одредниците (бенчмарк) за отворање на Првиот Кластер. Тој нагласи дека ЕУ останува посветена на поддршката на Северна Македонија во надминување на преостанатите предизвици на нејзиниот европски пат, особено преку техничка и финансиска помош за продлабочување на институционалните реформи, извести Министерството за европски прашања.

Една од централните теми на состанокот беа и уставните амандмани, за кои Муртезани информираше дека е потребно да се создаде соодветна политичка клима и јавна поддршка за овие промени, додека истовремено ја нагласи подготвеноста на Владата за конструктивен дијалог со Бугарија.

Беа разменети мислења и информации и за Планот за раст на ЕУ за ЗБ , кој претставува клучен механизам за зголемување на инвестициите и зајакнување на економската отпорност на земјите од регионот. Вархеји ја поздрави активната улога на Северна Македонија во регионалните иницијативи и нејзиното усогласување со стратешката агенда на ЕУ за 2024-2029, нагласувајќи ја континуираната европска поддршка, особено во области кои се клучни за трансформацијата на Северна Македонија: владеење на правото, реформи во јавната администрација и борба против корупцијата. Муртезани истакна дека е важно овие реформи не само да се имплементираат, туку и да бидат длабоко вкоренети во општествените секојдневни текови.

Во однос на добрососедските односи, Муртезани повторно ја нагласи посветеноста на Северна Македонија кон нивно зајакнување и продлабочување, истакнувајќи дека овие односи се фундаментални за регионалната стабилност, економскиот просперитет, но и за кредибилитетот на Унијата. Министерот Муртезани ја реафирмираше подготвеноста за решително дејствување во контекст на следните чекори поврзани со европското досие на земјата, суштински работејќи на реформите како би се обезбедил стабилен напредок во исполнувањето на стратешката цел на Владата – членство во Европската Унија, се наведува во соопштението на Министерството за европски прашања.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK