Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска оствари средба со новименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Бугарија во Северна Македонија, Жељаско Радуков.
Министерот Муртезани изрази надеж за успешни парламентарни избори во Бугарија, гледајќи ги како важен чекор за унапредување на билатералните односи преку продлабочување на заемната доверба. Исто така, тој ја нагласи силната посветеност на Владата кон европската агенда и нејзините активни напори за постигнување достоинствено решение во контекст на исполнување на потребните услови за забрзување на процесот кон полноправно членство на Северна Македонија во Европската Унија, соопшти Министерството.
Муртезани и Радуков ја истакнаа важноста од консолидација на заемната доверба и соработка, особено во контекст на евроинтегративниот процес, на кој треба да се гледа како на заеднички стратешки приоритет.
Разговорот го потенцираше ангажманот за конструктивен и транспарентен дијалог со цел унапредување на добрососедските односи и решавање на заедничките предизвици во духот на соработка и партнерство, се додава во соопштението на Министерството.