Муртезани – Ибрахимовиќ: Зајакнување на билатералните односи и соработка во контекст на ЕУ интеграциите

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во рамки на работната посета на Црна Гора, министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани, имаше средба и со министерот за надворешни работи на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ. Акцентот на разговорите беше ставен на продлабочувањето на билатералните односи, регионалната соработка и заедничките аспирации на двете земји за членство во Европската Унија.



Министрите Муртезани и Ибрахимовиќ ја потврдија цврстата основа на билатералните врски, кои континуирано се одвиваат во духот на пријателство, без отворени прашања. Овие односи се базираат на традиционалното пријателство, стратешкото партнерство и долгогодишната конструктивна соработка. Министрите нагласија дека Северна Македонија и Црна Гора имаат заеднички интерес во поддршката и унапредувањето на стабилноста и безбедноста во регионот, со што придонесуваат кон просперитетна иднина на Западен Балкан.

Во контекст на европската интеграција, министрите го истакнаа Договорот за соработка меѓу владите на Северна Македонија и Црна Гора во процесот на пристапување кон ЕУ, потпишан во 2011 година, како важен елемент во заедничките напори за побрза интеграција во Унијата. Тие се согласија дека техничката и оперативната поддршка што Црна Гора ја обезбедува за Северна Македонија во овој процес, претставува одличен пример за солидарност и соработка во регионот.

Муртезани и Ибрахимовиќ го потврдија нивниот заеднички ангажман во градењето на уште посилни и продлабочени односи меѓу двете земји, како и нивната посветеност на реформските процеси кои ќе овозможат целосна интеграција во Европската Унија. Тие изразија увереност дека овој пат ќе биде потпомогнат од континуираната соработка и поддршка меѓу земјите во регионот и Европската Унија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK